ЛДП: Купете гориво пред да поскапи вечер
Либерално-демократската партија (ЛДП) преку соопштение реагира на најавеното поскапување на горивата и ја обвини Владата дека не презема доволно мерки за заштита на стандардот на граѓаните и домашните бизниси.
Од партијата оценуваат дека растот на цените, поврзан со војната на Блискиот Исток, дополнително ја намалува куповната моќ на населението. Затоа бараат итно да се разгледа нивниот предлог за враќање на ДДВ за горивата, мерка што, според нив, треба да важи исклучиво за македонските граѓани и домашните компании, а не за транзитните превозници и соседните земји.
Од ЛДП ја повикаа Владата да преземе конкретни чекори за ублажување на последиците од поскапувањата, а на граѓаните им препорачаа да наточат гориво уште вечерва, пред најавеното зголемување на цените утре.
„Не смее да се дозволи народот да биде жртва на функционерска некомпетентност“, порачуваат од партијата.
Според ЛДП, ако владата е толку неспособна сама да понуди решение, барем нека ја послуша ЛДП и веднаш да ги усвои итните мерки за заштита: итна имплементација на предлогот на ЛДП за поврат на ДДВ за горивата ексклузивно за македонските граѓани и домашни бизниси, а не за транзитерите и соседите.
„Крајно време е функционерите да излезат од комфорната зона на своите фотелји и да се прошетаат меѓу народот по градовите, селата, нивите, фабриките, меѓу младите, пензионерите и работниците – да видат дека со овие цени се живее прескапо!
И за крај, упатуваме јасна препорака до сите граѓани: искористете го времето и купете гориво уште вечерва пред да стапат на сила новите поскапувања утре, бидејќи оваа власт нема да ви го полни празниот џеб!“