ЛДП: ЕУ мора да одлучи каде оди


„Либерално-демократската партија потврди дека не се занимава со секојдневните политички пазарења од кои се изморивме изминатиот период, туку е насочена кон меѓународната политика, за да направиме се што е возможно да се деблокираат сите прашања за почеток на преговорите на Северна Македонија со ЕУ“, потенцираше претседателот на партијата, Горан Милевски на денешната регионална конференција на АЛДЕ и ЛДП „Обновен наратив за забрзана интеграција на ЕУ“.

-Најголеми поборници за влез на Северна Македонија во ЕУ се нашите партнери, премиерот на Холандија Марк Руте кој пред неколку денови беше во државата, како и претседателот на Франција Емануел Макрон . Тие се дел од европските Либерали, кои се едни од најголемите лидери кои се борат да се решат проблемите на земјава и да се деблокира патот кон ЕУ, рече Милевски.

Тој дополни дека на денешната конференција бил присутен токму секретарот на Руте, пратеници од парламентите на неколку европски држави како што е и Австрија, Словенија, Хрватска  и Бугарија, меѓу кои и европратеникот Илхан Ќучук.

 -Целото либерално семејство на ЛДП и АЛДЕ се тука и можеби единствени кои во моментот се трудат да и помогнат на државата на патот кон ЕУ. ЕПП и Социјалистите не ги гледаме дека имаат некоја активност на ова поле или за ова прашање во изминатиот период и затоа навистина сме благодарни на нашите партнери кои се тука и со максимална поддршка за Северна Македонија во процесот на евроинтеграциите, заклучи Милевски.

Вицепремиерот Димитров се осврна на заложбите на Северна Македонија за интеграција во Европската Унија, вклучително и вложениот политички капитал на основа на европското ветување.

– Ниту една европска земја одделно не е доволно силна за справување со современите предизвици, единствениот начин е европскиот проект за обединување на континентот што без овој регион – Западниот Балкан, секогаш ќе биде нецелосен и недовршен. Северна Македонија е приказна на надеж за овој проект, така што нашиот (не)успех е (не)успех и за ЕУ, ако ЕУ е сила што влече за добро. Одговоривме на многу стриктни услови, време е да добиеме праведна валидација, ако ЕУ е заедница на вредности, рече Димитров.

Европратеникот Илхан Ќучук како заменик претседател на АЛДЕ вели дека испраќа голема поддршка за работата на ЛДП во земјава.

– На оваа конференција присуствуваме сите партнери на ЛДП за да уште еднаш ја потврдиме чистата позиција дека земјите од Западен Балкан треба да бидат дел од ЕУ. Можеби овој сојуз има високи стандарди за животната средина, социјалната политика, но ЕУ треба да одлучи на која страна треба да оди, дали да биде политички сојуз како досега или пак да оди напред за подобар живот на граѓаните. Тоа значи дека треба и да се реши процесот меѓу Бугарија и Северна Македонија да бидат исполнети точките од договорот се со цел да прекине блокадата на Северна Македонија, беше дециден Ќучук.

Како лидер на Либералните партии од 11 држави од Југоисточна Европа, Словенецот Роман Јакич исто така ја искажа поддршката за почеток на преговори на Северна Македонија во ЕУ.

– Морам да констатирам дека во 2004 година заедно бевме  на тој пат, имавме претпристапни преговори, Словенија влезе, а Македонија не ни почна. Европа мора да одлучи каде оди, има напредок во дигитализацијата, и другите аспекти, но не и во проширувањето, тоа некако стои во место, додаде Јакич.

Регионалната конфереција на ЛДП и АЛДЕ ја модерираше Емил Кирјас, а настанот го отвори и Здравко Почивалшек, вицепремиер и министер за економски развој и технологија на Словенија, додека на двете панел дискусии – „Иднината на ЕУ: Во кој правец се движи Европа во 2021“ и „Членство на С. Македонија и Западен Балкан во ЕУ: како и кога?“ говореа вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров и пратеничката Моника Зајкова, како и други политичари од регионот и ЕУ.