ЛДП е против предвремени избори


 

Еден од коалициските партнери во власта, ЛДП, соопшти дека е против одржување предвремени избори како што бара ВМРО-ДПМНЕ и бара да престане блокадата на Собранието којашто започна вчера.

Предвремените парламентарни избори во овој момент не се решение за излез од актуелните проблеми, а иницијативите на опозициските партии се поттикнати единствено од партиските интереси и желбата за освојување на власта, е заклучокот на Либерално-демократската партија по синоќешниот состанок на Извршниот одбор.

„Сега е неопходно целата енергија на политичарите да се насочи кон решавање на проблемите на граѓаните кои се предизвикани од економската и енергетската криза во Европа“, велат од партијата.

Според ЛДП Владата има доволно капацитет и стручност да се справи со предизвиците и да одговори на потребите на граѓаните. „Затоа бараме да се нормализира работата на Собранието, кое во овие моменти на криза треба да работи исклучиво во интерес на народот, а не за теснопартиските интереси на поединци или групации“, додаваат од ЛДП.

Партијата ја поздравува и историската одлука на Вселенската патријаршија за признавање на Македонската православна црква – Охридска Архиепископија.