ЛДП бара Владата да се огради од министерот Стоилковиќ поради глорификацијата на Младиќ


 

Либерално-демократската партија (ЛДП) најостро ја осудува секоја форма на величење и глорификација на Ратко Младиќ – правосилно осуден на доживотен затвор за геноцид во Сребреница, злосторства против човештвото и воени злосторства.

Ова не е прашање на политички став, национална припадност или различно толкување на историјата. За геноцидот нема „друга страна на приказната“ кога фактите се утврдени со правосилни пресуди на меѓународните судови.

Особено е недозволиво ваквата глорификација да биде поврзана со носители на високи државни функции, велат од ЛДП.

Партијата бара Владата веднаш, јавно и недвосмислено да се огради од постапувањето на министерот за локална самоуправа Иван Стоилковиќ и директорот на Агенцијата за остварување на правата на заедниците и да утврди политичка одговорност. „Не може Македонија пред Брисел да се повикува на европски вредности, а дома Владата да молчи кога нејзини функционери учествуваат во величење на лице осудено за геноцид“.

Директорот на Агенцијата за остварување на правата на заедниците, Далибор Китановиќ, на неговиот профил на Инстаграм објави фотокомпозиција изработена со вештачка интелигенција, на која Младиќ е прикажан заедно со повеќе личности од српската историја. Меѓу нив е и четничкиот командант Дража Михајловиќ, а врз композицијата со големи букви е напишано: „Генерали на небеската војска“. 

Според ЛДП, ова прашање не завршува со политичката одговорност. Мора да се испита и евентуалната кривична одговорност. Кривичниот законик, во член 407-а, го санкционира јавното негирање, грубо минимизирање, одобрување или оправдување на геноцид, злосторства против човечноста и воени злосторства преку информационен систем, за што е предвидена и казна затвор.

ЛДП бара Министерството за внатрешни работи и Јавното обвинителство, во рамките на своите надлежности, по службена должност да ги испитаат сите објави, изјави и дејствија поврзани со овој случај и, доколку се исполнети законските елементи, Кривичниот законик да биде применет без исклучок. Државната функција не смее да биде штит од законот.