ЛДП бара повеќе ефикасни и објективни истраги за корупцијата


 

Амбасадорката на САД Анџела Агелер има искуство со Македонија и веројатно гледа дека правосудниот систем сѐ уште не е променет и покрај бројните забелешки. ЛДП нема да дозволи неказнивост на поединци, политички и економски недопирливи моќници, кои се богателе на грбот на државата и граѓаните. Секоја одговорност мора да има име и презиме, вели претседателката на ЛДП, Моника Зајкова.

„Борбата против корупцијата е во фокусот на меѓународната заедница, САД носи засилување, а тоа е најдобриот начин да ги надминеме незадоволството и разочарувањето, особено меѓу младите од селективната правда и нееднаквите можности за сите. Правдата во Македонија има потреба од повеќе објективни и ефикасни постапки кои ќе покажат дека никој не е над законот. Промени мора да има. Борбата против корупцијата треба да ја водат и граѓаните и институциите“, вели Зајкова.

Според неа, криминалот и корупцијата ги поткопуваат државните темели, ги доведуваат во прашање демократијата и владеењето на правото, го загрозуваат квалитетот на секојдневниот живот. ЛДП ќе биде најгласниот протагонист во власта за ефикасно справување со корупцијата и  стимул во обезбедувањето на стабилност и економски развој.