ЛДП бара одговорност за умирањето на животните во скопската ЗОО


Либерално-демократската партија (ЛДП) изразува загриженост за случувањата во скопската Зоолошка градина и бара одговорност во врска со последниот скандал на смртта на слоницата Даела.

„Бидејќи не станува збор за прв случај, да потсетиме дека само пред некој месец угинаа жирафите, тигрицата, пингвин, кланицата со расните коњи, а прашање на време е кое животно ќе биде следно, со оглед на третманот и условите кои ги добиваат животните од страна на директорот и менаџментот на Зоолошка градина под директно управување од градоначалничката Данела Арсовска и градот Скопје. Оттука ЛДП бара итно расчистување на случајот и транспарентност од страна на надлежните органи во врска со овие инциденти се со цел да се гарантира безбедноста и благосостојбата на животните во Зоолошката градина, но и на посетителите кои го користат ова место за рекреација, стои во реакцијата на ЛДП.

Либерално-демократската партија (ЛДП) исто така бара оставка од градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, поради нејзиното катастрофално менаџирање на градските институции и неспособност да се справи со проблемите на градот. Според ЛДП, проблемите не се само во ЗОО Скопје. Скопјани сведочат на секојдневни проблеми со хигиената, парковите и нивното одржување, ЈСП се претвори во претпријатие без автобуси со зголемени долгови од месец во месец. „Лошото управување на јавните претпријатија под нејзина надлежност се главни причини за ова барање“, велат тие.
 
Реагираа и од СДСМ од каде порачаа дека е страшно и жално е тоа што се случува во скопската Зоолошка градина.
 
„Местото кое до пред три години беше на сите насловни страници во светските медиуми, кое беше пример за добар менаџмент и грижа за животните, ВМРО-ДПМНЕ и нивната најдобра менаџерка Данела го претворија во хорор филм.Последните информации дека угинала слоницата Даела за која нема никаква јавна информација од кои причини, е кулминација на негрижата и уништувањето на ова прекрасно место. Видеото кое кружи по социјланите мрежи од транспортот на животното до Дрисла е врв на иживувањето.

Во последните месеци и години угинаа многу животни, две жирафи, тигар, коњи и други животни. ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски, кои Данела Арсовска на граѓаните им ја продадоа како најдобрата менаџерка, а потоа се скараа заради бизнис интереси, треба да одговараат за оваа нечовечност“, порачаа од СДСМ.

Од Зоолошката градина денес соопштија дека слоницата  не угинала, туку  била  извршена евтаназија врз неа.
 
„Слоницата имаше околу 60 години, а слоновите во просек живеат толку. Слоницата Даела имаше болести, дојде лекарски тим од Белгија и процени дека е подобро да се изврши евтаназија“, изјавија од скопската Зоолошка.

 

Сепак за угинувањето на слоницата вчера не беше известена јавноста а во неколку медиуми се појави информација за несоодветен транспорт на слоницата во депонијата Дрисла. Од скопската Зоолошка засега не се огласија по тие обвинувања.