„Лазо Ангеловски“ осамна без ученици и со транспаренти за поддршка на третоодделенецот

„Издржи мали, со тебе сме!“ пишува на едниот транспарент распнат на оградата на училиштето, а на другиот „Малиот тука ќе учи!!!“


 

Повеќе од 1.500 ученици денеска не се појавија на настава во ООУ „Лазо Ангеловски“ во Ново Лисиче, по одлуката на Советот на родители за бојкот додека не се реши проблемот со насилниот третоодделенец, но училиштето осамна со транспаренти за поддршка на ученикот. 

„Издржи мали, со тебе сме!“ пишува на едниот транспарент распнат на оградата на училиштето, а на другиот може да се прочита заканувачка порака „Малиот тука ќе учи!!!“

„Одлуката за бојкот е последниот обид да дојдеме до взаемно прифатливо решение за нормално продолжување на воспитно образовниот процес на сите деца. Да не заборавиме дека со овој проблем училиштето се соочува веќе три години и сите механизми на локалните служби, вклучувајќи ги службите на училиштето и општината се веќе одамна исцрпени и затоа се обративме до инспекторатот кој по извршените надзори донесе одлука за промена на средината на детето, таа одлука сеуште не е имплементирана.
Уште еден доказ дека пристапот кон проблемот од страна на родителите на детето, кои не соработуваат со службите за взаемно решение, е денешниот инцидент со поставување на пароли на училиштето за поддршка на детето. Ние како совет, заедно со службите на училиштето и сите чинители на образовниот процес, вклучувајќи ги и родителите на сите 1474 деца цел овој период се обидувавме да најдеме начин да го задржиме ученикот меѓутоа, одделението кое броеше 30ина деца, сега е со 13 ученици. Зарем тоа не доволен показател дека на проблемот треба да му се пристапи на друг начин?“, вели претставник на Советот на родители.

Дека наоѓањето решение за проблематичниот ученик се политизира стана јасно уште кога по препорака на социјалните служби ученикот да ја смени училишната средина, се бараша ново училиште на територијата на Аеродром кое е волно да го прими ученикот. Тоа не се случи, Сите основни училишта во Аеродром одбија да го примат проблематичниот ученик. Потоа, по барање на родителите ученикот да биде испишан од „Лазо Ангеловски“, се бараше примање на тој ученик во ООУ „11 Октомври“ во Општина Центар, за што првично беше потпишана согласност од директорката, за подоцна самата да ја поништи согласноста, откако родителите на неформален начин стигнале до досието на ученикот и сфатиле дека се работи за ученик со проблеми во однесувањето. Неколку портали повеќепати оркестрирано објавуваа текстови во кои се твдрше дека градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски вршел притисок врз директорката на „11 Октомври“ детето да биде запишано во тоа училиште. Ова никогаш не го потврди директорката. 

Откако настава бојкотираа родителите на учениците во „11 Октомври“ и се чинеше дека успеаја во намерата да не се запише ученикот во нивното училиште на тој начин, Советот на родители од „Лазо Ангеловски“, синоќа се одлучи да примени иста мерка за да ги натера инситуциите да си сработат работата. Истите оние институции кои според закон се задолжени да најдат решение во вакви ситуации.

Денеска во 11 часот закажана е средба во МОН со претставници од Општина Аеродром, на која треба да се одлучи што понатаму, откако вчера министерката за образование Весна Јаневска го прогласи ресорното министерство за ненадлежно за проблемот со ученикот, а прстот го впери во градоначалниците, општините, директорите на училиштата, стручните служби, психолозите….

Проблематичниот третоодделенец утрово се појави на часови во „Лазо Ангеловски“ соучениците си заминуваат