Лажни дојави за бомби на неколку локации во Белград меѓу кои и на аеродромот „Никола Тесла“


Србија- Белградскиот аеродром „Никола Тесла“, редакцијата на српски „Курир“, како и црква, студентски дом и обложувачница во Белград денеска добиле анонимни дојави за бомби. По увид на Министерството за внатрешни работи на Србија утврдено е оти дојавите се лажни, пишува Н1.

Во изминатите неколку месеци Србија често беше мета на лажни дојави за бомби, а српската полиција во мај годинава идентификувала локации на вкупно 19 мејл-адреси од кои пристигнале заканувачки пораки за подметнати бомби на различни локации во земјата, пишува РСЕ.

Властите во Србија претходно најавија дека поради дојавите за бомби ќе побараат помош преку меѓународна оперативна полициска соработка за да се добијат информации за нарачателите.

Српскиот министер за внатрешни работи Александар Вулин на 16 мај изјави дека „се води специјална војна против Србија“ и дека „суштинската цел на сите овие напади е Србија да престане да води независна политика и да носи одлуки под притисок и во страв“.

Премиерката на Србија, Ана Брнабиќ на 17 мај изјави дека дојавите за бомби се притисоци врз Србија, бидејќи официјален Белград одбива да воведе санкции против Русија.