Лажна вест ја крена Битола на нозе


според планот на топлификацијата за почетокот треба да се приклучат 35 државни и општински институции во Битола кои ќе искористат една третина од капацитетот на системот

Една битолчанка на Фејсбук напиша дека се празнел цел спрат од болницата за да се лекува градоначалничката која е позитивна на корона. Потоа ѝ се извини на јавноста и посебно на градоначалничката Петровска затоа што била „понесена од лажните информации“

 

БИТОЛА – Лажна вест напишана од битолчанка на една од групите на Фејсбук предизвика лавина на реакции во јавноста и поттикна говор на омраза.

Битолчанката напиша дека во Битолската болница се преместуваат пациенти за да се хоспитализира градоначалничката на Битола, Наташа Петровска, која е позитивна на Ковид-19.

„На Инфективното одделение беа преместувани пациенти болни од Ковид -19 со изговор дека ќе се реновира. Не се реновира. Го ослободија целиот спрат за да лежи сама градоначалничката“, напиша битолчанката.

Нејзиниот коментар се прошири на социјалните мрежи и предизвика во најголем дел говор на омраза, гнев и негодување од граѓаните кои реагираа дека не е во ред да се привилегираат одредени пациенти во ваква здравствена криза.

Откако коментарите „забегаа“ Клиничката болница од Битола денеска испрати официјално соопштение до медиумите во кои стои дека во Ковид центарот ниту еден пациент не добива посебен третман.

„Одговорно тврдиме дека ниту еден пациент не добива посебен третман. Во Ковид центарот има соби со различен број на кревети во кои се сместени пациенти во зависност од нивната состојба. Секој пациент се третира еднакво и со истите достапни лекови од протоколите, од истиот персонал кој што работи во Ковид центарот.  

Во овие услови недозволиво е да се измислуваат приказни и да се користат имиња со цел добивање поени од страна на формални и неформални групи, поединци, политички партии. Потсетуваме дека кривично дело е да се погазува сопствената медицинска етика и да се изнесуваат податоци за пациентите, за лица кои се или не се хоспитализирани во ЈЗУ Клиничка болница“, стои во соопштението од Битолската болница од каде велат дека сместени се вкупно 79 пациенти.

„Во моментот располагаме со 20 слободни кревети. Пациентите се сместуваат согласно состојбата и потребата од кислородна поддршка и тежината на клиничката слика“, нагласуваат оттаму.

Денеска битолчанката напиша извинување на ФБ за статусот од синоќа, во кој самата вели дека изнела невистини за градоначалничката и предизвикала „лавина од невкусни коментари од кои се згрозив самата“.

„Немав никакви лоши намери, едноставно бев понесена од лажните информации. Уште еднаш ѝ се извинувам на градоначалничката и ѝ посакувам што побрзо опоравување“, напиша таа.  

Нејзиниот прв статус во битолската Фејсбук група денеска беше избришан. (А.Б.)