Лазаров откри како ВМРО-ДПМНЕ ги организирало протестите во општина Центар


Неколку години по почетокот на судењето за насилствата во општина Центар од 2013 година, полека се вообличува рамката како биле организирани и спроведени протестите. Томислав Лазаров, кој тогаш беше претседател на ОК на ВМРО-ДПМНЕ за Центар и координатор на советничката група во општинскиот совет, на денешното рочиште објасни како се создавала инфраструкурата за протестите и каква била нивната цел. Според Лазаров, кој призна вина и доби условна казна, врвот на партијата бил организатор на протестите. Тој сега е сведок на обвинителството. Обвиненето го застапува Фатиме Фетаи.

Лазаров изјави дека цело време бил во комуникација со тогашниот министер за транспорт, Миле Јанакиески, и со тогашниот генерален секретар на Владата, Кирил Божиновски. На седницата на 7 јуни 2013 година требало да се поништат четири спорни точки од урбанистички планови. Од врвот на партијата стигнало упатство дека со овие измени ќе била доведена во прашање изградбата на црквата „Св. Константин и Елена“.

Сведочењето ја објаснува и методологијата на работата на партијата: „Партиски членови ми кажаа дека се формирало здружение ‘Веритас’, кое ќе организира протести за одбрана на црквата од уривање. Ме викна Кирил Божиновски на состанокот каде што беа сите општински комитети од Скопје. Добивме насоки дека на тој и тој датум ќе има протест пред споменикот на Мајка Тереза до црквата. Не се спомнуваше насилство“, одговараше Лазаров на прашања на обвинителката Фетаи.

Продолжението било закажано за три дена подоцна и Божиновски пак го повикал на средба и побарал протестите да бидат што е можно помасовни, била подготвена и приказна од партијата дека СДСМ сака да ја запре градбата на црквата „Свети Константин и Елена“.

Додека траела острата расправа за точките на дневен ред, пристигнале и луѓето кои беа предводени од здружението „Веритас“.

Дента кога се случија насилничките сцени пред Општината Лазаров бил во постојана телефонска комуникација со Јанакиески и Божиновски. Тој изјави дека ги предупредувал двајцата високи функционери дека насилството ескалира и дека сите советници се доведени во опасност од неконтролираното однесување на толпата што беше надвор. Лазаров тврди дека само тој од советничката група на ВМРО-ДПМНЕ имал контакт со Јанакиески и Божиновски, на посреден начин отфрлувајќи ги наводите во обвинението дека насоки добивала и Даниела Рангелова. Лазаров уште посведочи дека спроведувајќи ги добиените насоки за одолговелкување на седницата, Рангелова исплашена дека ситуација целосно може да излезе од контрола барала седница да прекине што е можно поскоро.

Божиновски му дал и оригинален совет на Лазаров како да го продолжи траењето на седницата: „Кирил ми даде насока да извадам книга ‘Зоки Поки’ и да ја читам, за да го потрошам времето, исто како што правеше Талат Џафери“. Дали во чантата на Лазаров била книгата „Зоки Поки“ остана нејасно или пак генералниот секретар на Владата мислел дека советникот со себе носи мала подвижна библиотека. (Н.В.)