Лазаров: Нашата цел ќе биде стандарден суперлигаш со таргет млади македонски играчи

Првата македонска ракометна лига од оваа натпреварувачка сезона ќе има уште еден клуб – КЛ7. Сржта на овој нов субјект во македонскиот ракомет е составена од млади играчи чиј тренер е Андон Бошковски.

За формирањето и целта на КЛ7, неговиот идеен носител Кирил Лазаров изјави:

„Почнуваме нов проект, ракометен клуб во кој предност ќе дадеме на младите македонски играчи. Ќе поставиме принципи на функционирање, сериозен пристап во работата и она што е најнеопходно за напредок кај младите играчи квалитетен тренажен процес во текот на целата година. Ќе бидеме инкубатор за поголемите клубови, ќе соработуваме со сите македонски клубови за доброто на македонскиот спорт и ракомет.

Најдобриот македонски ракометар на сите времиња рече дека негова цел е вклучување во тимот на млади талентирани македонски играчи.

– Ќе поставуваме високи цели за да можеме да ги препознаеме карактерните особини на нашите играчи за што подобро селектирање. Ќе учествуваме на интернационални турнири со реномирани противници. Нашата цел ќе биде стандарден суперлигаш со таргет млади македонски играчи, вели Лазаров.

Тренажниот процес на ракометарите на КЛ7 е во тек, а првиот официјален натпревар го имаат во средината на септември. До почетокот на првенството КЛ7 ќе одигра повеќе пријателски натпревари со суперлигашки тимови.