Лазаров: Каракачанов е остаток од комунизмот
Претседателот на Македонско-бугарската стопанска комора, Кирил Лазаров, за „Слободен печат“ порача дека вжештувањето на отворените прашања во јавноста од страна на дел од бугарските политичари се рефлектира и на економијата, додавајќи дека сепак, и покрај корона кризата, трговската размена меѓу двете земји е задоволителна и е на скоро истото ниво како и минатата година.
– Дел од бугарските политичари не го согледуваат економскиот потенцијал. За разлика од минатото, сега кога имаме економски делегации од Бугарија се повеќе се зборува и за политичките прашања. Се надевам дека Каракачанов и неговите партнери ќе доживеат пораз на изборите во март и нема да успеат да влезат во Собранието. Тоа се фигури – остатоци од комунизмот, соработници на тогашните служби, како КГБ, кои треба да заминат во историјата и да не растеретат од политикантските прашања, на кои единствено билдаат рејтинг, вели Лазаров.
Тој е оптимист дека Македонија ќе ги отпочне пристапните преговори и ќе се одржи Меѓувладината конференција до крајот на годинава, порачувајќи дотогаш дел од пораките од Софија да се примаат смирено и со „ладна глава“.