Лавров за СЗО: Никој не е совршен


Шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров денеска изјави дека Светска здравствена организација прилично добро, иако не совршено, ја извршува својата работа.

Тој во интервју за руската национална телевизија изјави дела СЗО многу добро ја извршува својата улога на координативно тело за меѓународното јавно здравство, иако не без грешки.

– Никој не е совршен, посочи Лавров.

Претходно, американскиот претседател Доналд Трамп најави дека ќе го прекине финансирањето на оваа организација, затоа што актуелното раководство потклекнало пред Кина, и место да ги штити интересите на тие кои најмногу го финансираат, им помогнало на Кинезите да ги сокријат вистинските димензии на епидемијата.

Веднаш по него, премиерот на Јапонија Шинзо Абе изјави дека околу Светската здравствена организации има „прашалници“ и дека тој ќе го преиспита исто така финансиското учество на неговата земја во оваа организација. Ваквото преиспитување, што практично е најава за неплаќање на придонесот во СЗО, тој го најави сепак за после пандемијата.

Кина пак, најави дека ќе го зголеми придонесот за СЗО за 30 милиони долари.

– Средствата исклучиво ќе бидат наменети за превенција и контрола на Ковид-19, како помош за развој на здравствените системи на земјите во развој, изјави портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи, Генг Шуанг.