Лавров вели дека ОН имаат гаранции од САД и ЕУ за извозот на руско жито


 Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров изјави дека бил информиран од Обединетите нации за писмените ветувања на САД и ЕУ за отстранување на пречките за извоз на руско жито и ѓубрива на светските пазари.

Во изјава за новинарите на самитот на Г20 на Бали, Лавров рече дека добил гаранции во оваа насока од генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш.

Извозот на жито и ѓубрива од Русија не е директно цел на западните санкции, но Москва долго време се жали дека санкциите го ограничуваат пристапот до пристаништата, финансиите и осигурувањето.

Лавров рече дека Гутереш прави се за да се обезбеди тоа да се реши во рамките на црноморската иницијатива, потпишана во јули, која и овозможи на Украина да продолжи со испораките на жито од нејзините јужни пристаништа по неколкумесечна руска блокада.

Тој додаде дека Гутереш му рекол дека добил писмени ветувања од САД и Европската Унија дека ќе го спроведат делот од договорот што се однесува на рускиот извоз, и да не бидат санкционирани операторите кои работат со руското жито.

Доколку тие ветувања се остварат, тогаш ќе бидат отстранети сите пречки за извоз на руско жито и ѓубрива, рече Лавров.