Лавров: Русија ќе работи на постигнувањето договор меѓу Сирија и Курдите
Русија ќе инсистира сириската Влада и сириските Курди да постигнат договор и да го почитуваат, изјави шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров, пренесоа британските медиуми.
Министерот забележа дека дијалогот меѓу Дамаск и сириските Курди дава конкретни резултати.
Лавров во Сочи изјави дека турската воена акција во североисточна Сирија овозможила бегство на заробените борци на Исламска држава. Тој додаде дека Москва ќе ја поддржи соработката меѓу Турција и Сирија во пограничната безбедност, пренесе БТА. Лавров изјави дека сириските и турските воени сили треба да соработуваат во северна Сирија врз основа на безбедносната спогодба од Адана од 1998 година. Согласно оваа спогодба, објаснува тој, Турција можела да изведува прекугранични безбедносни операции во северниот дел на Сиријам, а Дамаск го задолжува да престане да им дава засолништа на членовите на Курдската работничка партија (ПКК), која Анкара ја смести надвор од законот и која со децении води вооружена борба против турската држава.
Лавров соопшти дека политичкото уредување на ситуацијата во Сирија и обезбедувањето на нејзиниот суверенитет и територијална целост ќе биде главна тема за време на посетата на турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган на Русија, пренесе Тасс.
Рускиот шеф на дипломатијата изјави дека САД и од нив предводената западна коалиција во северна Сирија ги поттикнале Курдите кон создавање на квазидржавни институции и конфронтација со арапските племиња.