Лавров: Постигнат е договор за прекин на огнот во Нагорно-Карабах


По трилатералните разговори во Москва на министрите за надворешни работи на Русија, Ерменија и Азербејџан, шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров соопшти дека е постигнат договор за прекин на огнот во Нагорно-Карабах, што денеска стапува во сила.

Во официјалниот документ потпишан во Москва се наведува дека Ерменија и Азербејџан се недвосмислено согласни за хуманитарен прекин на огнот.

Деталите дополнително ќе бидат усогласени, но хуманитарниот прекин на огнот ќе почне денеска со размена на воените заробеници, повредените и телата на загинатите.

Договорено е и да продолжат разговорите за траен прекин на огнот.

Преговорите во Москва, на кој учествуваа азербејџанскиот министер за надворешни работи Џејхун Бајрамов и шефот на ерменската дипломатија Зораб Мнацаканијан, траеја 10 часа.

Обновените судири помеѓу Азербејџан и Ерменија во Нагорно-Карабах ескалираа на 27 септември. Двете земји прогласија воена состојба и општа мобилизација и пријавуваат жртви, вклучително и цивили.

Судирот помеѓу Баку и Ереван почна во февруари 1988 година, кога автономниот регион Нагорно-Карабах прогласи независност од Азербејџан. За време на судирите од 1992  до 1994 година Азербејџан изгуби контрола над Нагорно-Карабах и седум соседни региони. Од 1992 година се одржуваат преговори за мирно решавање на судирите во рамките на Организацијата за безбедност и соработка Минск групата,со која претседаваат Русија, САД и Франција.