Лавров му се извинил на Вучиќ за коментарот на Захарова


Рускиот шеф на дипломатијата, Сергеј Лавров, му се извини на претседателот на Србија, Александар Вучиќ, за контроверзниот пост на „Фејсбук“ на портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, изјави советничката за медиуми на Вучиќ, Сузана Васиљевиќ.

„Коментарот на Захарова беше несоодветен и недостоен за нејзината позиција“, изјави Васиљевиќ за ТВ Прва.

Таа рече дека за време на престојот во Брисел, Вучиќ разговарал со Лавров, кој, како што вели, се извинил за постапката на портпаролката на руското Министерство за надворешни работи.

Захарова на својот фејсбук-профил ја коментираше средбата меѓу Вучиќ и американскиот претседател Доналд Трамп со несоодветна фотографија од сцена од филмот „Основен инстинкт“, во која актерката Шерон Стоун ги прекрстува нозете.