Лавров може да дојде – Владата ја тргна забраната за авионот


 

Владата ја тргна забраната за прелет и слетување на руски државни авиони над и во земјава, што беше воведена по инвазијата на Русија на Украина. Тоа било решено на денешната седница, пренесе „360 степени“ повикувајќи се владини извори. Седницата се одржала во онлајн формат во претпладневните часови.

Тоа значи дека нема формална пречка за авион во сопственост на руската држава, да слета на некој од аеродромите во Македонија. Тоа е важен чекор напред за рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, да дојде во Скопје на Министерскиот совет на ОБСЕ, кој треба да се одржи од 29 ноември до 1 декември. Дали Лавров ќе дојде сѐ уште не се знае.

Шефот на дипломатијата Бујар Османим како претседавач со ОБСЕ, во изминатиот период повеќепати повтори дека се надева дека сите земји членки на организацијата ќе бидат претставени на највисоко дипломатско ниво во Скопје.

Доколку Лавров се појави во Скопје, тоа ќе биде прво присуство на рускиот шеф на дипломатијата на собир во Европа од избувнувањето на војната во февруари 2024. Тој присуствуваше на седницата на Генералното собрание на ОН во Њујорк. Бидејќи ОБСЕ е голема меѓународна организација, а Русија е еден од основачите,  комплицирано е да се најдат модалитет за забрана за негово доаѓање на министерски состанок од специфична важност.