Лавров: Москва ќе прифати да организира средба Трамп – Путин


Москва ќе одговори позитивно доколку добие официјална понуда од Вашингтон да организира средба меѓу претседателите на Русија и САД,  Владимир Путин и Доналд Трамп, за време на самитот на Г20 во Осака, изјави денеска рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров.

– Ние, секако, ги слушнавме изјавите на Трамп дека очекува да се сретне со претседателот Путин, во рамки на Самитот на Г20 во Осака. Ако добиеме таков предлог, ние, се разбира, ќе одговориме позитивно, рече Лавров.

На заедничката прес-конференција со американскиот државен секретар Мајк Помпео, Лавров рече дека средбата на двајцата претседатели била и една од темите на нивниот разговор во Сочи.

Помпео денеска, на средбата со рускиот колега Лавров, рече дека Трамп е посветен на подобрување на односите со Русија.

Тој додаде дека двете земји не мора да се согласуваат за сè, туку дека има простор за соработка, особено во областа на антитероризмот и борбата против нуклеарното оружје.

Самитот Г20 ќе се одржи на 28 и 29 јуни во Осака.