Лавров ја врати иконата што му ја подари Додик


Руските власти и предадоа на aмбасадата на Босна и Херцеговина во Москва икона подарена од претседавачот со претседателството на БиХ, Милорад Додик, до рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, по што беа отворени низа прашања за нејзиното потекло, објавија денеска медиумите во БиХ.

Амбасадорот на БиХ во Русија, Жељко Самаџија рече дека враќањето на иконата во БиХ преку дипломатски канали ќе биде организирано во наредните денови.

– Иконата подарок се враќа преку амбасадата со цел да се извршат потребните проверки. Се уште немаме за што да коментираме, рече амбасадорот Самарџија за телевизијата Н1.

Тој објасни дека амбасадата во овој случај била само посредник и никој од неа не бил вклучен во набавката на спорната икона. Иконата со ликот на Свети Никола, наводно позлатена и стара 300 години, Додик му ја подари на Лавров за време на неговата официјална посета на БиХ на 14 декември.

Откако избувна скандалот, бидејќи никој не понуди објаснување од каде потекнува иконата на Додик, Украина испрати дипломатска нота до БиХ во која бараaт дополнителни информации.

Додик не зборуваше за скандалот седум дена, по што неговиот кабинет објави дека не е украдена, туку дека станува збор за семејно наследство. Тие не кажаа ништо за тоа како иконата всушност пристигнала во БиХ.