Лавров ја откажа посетата на Белград, никој не го пушта да прелета

Бугарија, Македонија и Црна Гора го затворија својот воздушен простор за авионот што во понеделник требаше да го превезе првиот дипломат во Белград


 

Посетата на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров на Србија е откажана откако земјите околу Србија го затворија својот воздушен простор за неговиот авион, изјави во неделата за новинската агенција Интерфакс висок извор од руското Министерството за надворешни работи.

Изворот го потврди извештајот на српските медиуми во кој се вели дека Бугарија, Македонија и Црна Гора го затвориле својот воздушен простор за авионот што во понеделник требаше да го превезе првиот дипломат на Москва во Белград.

Проблемите за доаѓањето на Лавров во Белград прв неофицијално ги објави српскиот весник „Вечерње новости“. Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, во претходните два-три дена јавно објави дека работите се компликуваат во врска со планираното доаѓање на министерот за надворешни работи на Руската Федерација.

Руската амбасадорка во Елеонора Митрофанова претходно денеска ја потврди таа вест за ТАСС. „Можам да потврдам дека бугарските власти не дозволија да лета авионот на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров. Тој требаше да отиде во Србија, летајќи низ воздушниот простор на Бугарија“, рече Митрофанова.

Радио Слободна Европа јави дека Министерството за надворешни работи на Македонија потврдило за нив дека нашата земја го одбила барањето на Москва да обезбеди прелет на авионот на рускиот шеф на дипломатијата. Македонија воведе воздушни санкции за Русија усогласувајќи ги со ЕУ уште на 28 февруари, четири дена по инвазијата на Украина.

И премиерката Ана Брнабиќ изјави дека ситуацијата околу пристигнувањето на Сергеј Лавров во Белград е „исклучително комплицирана“ и додаде дека со логистиката на неговото патување се занимава претседателот Вучиќ. Брнабиќ за ТВ Пинк рече дека „во овој момент никој во светот не сака со никого ни да разговара, а уште помалку взаемно да се чуе“

Руското Министерство за надворешни работи претходно соопшти дека Лавров на 6 и 7 јуни ќе престојува во Белград. На 10 јуни во Белград треба да дојде германскиот канцелар Олаф Шолц.