Лавицата Акети и четири бебиња ему птици се вселија во Скопје ЗОО


Новите жители на Скопје ЗОО се лавицата Акети и четирите бебиња ему птици.
Лавицата Акети од зоолошката во Берлин е нов жител во скопската градина. Лавицата има 12 години, а  пристигна во Скопје пред шест дена и веќе се прилагодува на животот во Скопје ЗОО. За неколку месеци друштво ќе и прави и лавот кој треба да пристигне од Софија.
„Лавицата ја добивме благодарение на соработката со Европската асоцијација на зоолошки градини (ЕАЗА). Акети одлично се прилагоди на новото живеалиште и на нејзините зоо негуватели“, велат од Зоолошката во Скопје.
Во Скопје пристигнаа и четири ему птици бебиња – Теди, Ким, Бланка и Вили. Бебињата се многу љубопитни и весели, па постојано сакаат да си играат со своите Зоо негуватели.
Ему птицата потекнува од Австралија и е втора птица по големина во светот, веднаш по нојот. Четирите ему ќе живеат во живеалиштето на кенгурите или реон во зоолошката, познат како „Австралија“. Целиот овој простор наскоро ќе биде реновиран и изграден во Аборџински стил со помош на донаторот „Подравка“.