Лауреатот Жан-Пјер Симеон ексклузивно за „Независен“: Поетите не смеат да се потчинат на вревата и бесот на светот
Поезијата не потсетува дека моќта и сопственоста се лажни вредности. Ако ги слушаме поетите и го разбереме тоа, тогаш нашата иднина можеби не само што е подобра, туку и можна, вели францускиот поет и интелектуалец за „Независен“
„Брзина, површни погледи, постојано движење, вознемиреност, недоволна верба во постоечкото, такви се болестите на нашето време и нè крадат од вистинската реалност и пред се од нашиот живот кој го нема. За мене поезијата е приговор на тоа, бара тишина, бавност, внимателност, неопходни за да се допре до срцето на нештата, длабоките чувства, острината на умот. Одењето против трендовските начини на нашeто време е вистински протест. Ако поезијата е крик меѓу крикот, тоа е нечујно“, вели ексклузивно за „Независен“, годинешниот лауреат на СВП, истакнатиот француски поет и интелектуалец Жан-Пјер Симеон (1950, Париз).
Симеон, кој по втор пат доаѓа на СВП, по 14 години, по официјалната прес-конференција во негова чест, што се одржа во хотелот „Дрим’ во Струга, љубезно одговори на две прашања на „Независен“.
Поетите денес се натпреваруваат кој од нив ќе биде пожесток, пошокантен, кој ќе каже нешто поскандалозно, по секоја цена ќе се соголи, радикално ќе се „приземји“, себеси, јазикот и песната. Вие напротив тежнеете и се залагате за тоа – да се сочува од (фатално)сквернавење – скапоценото достоинство на зборот и на песната. Вашите песни се воедно и гласен отпор кон извесен ‘профетизам’, кој цело време заговара божемен крај на уметноста, крај на историјата, крај на поезијата, некоја резигнација дека нема веќе чуму да се пишуваат песни. Наместо таквото нихилистичко, или, “есхатолошко” побивање на книжевноста, вие, ја браните надежта како наше право, а не само уточиште во кое веруваме. Како е да се биде поет со интегритет против општеството во кое живееме?
Сосема сте во право. Ако ги почитувам сите видови поезија затоа што поезијата е место на апсолутна слобода и дека различноста е секогаш добра работа, верувам дека поетите не смеат да се потчинат на вревата и бесот на светот. Брзина, површни погледи, постојано движење, вознемиреност, недоволна верба во постоечкото, такви се болестите на нашето време и нè крадат од вистинската реалност и пред се од нашиот живот кој го нема. За мене поезијата е приговор на тоа, бара тишина, бавност, внимателност, неопходни за да се допре до срцето на нештата, длабоките чувства, острината на умот. Одењето против трендовските начини на нашeто време е вистински протест. Ако поезијата е крик меѓу крикот, тоа е нечујно. Поезијата ни покажува друг начин на постоење, целосно и интензивно присутен во нашиот живот. Поезијата не потсетува дека моќта и сопственоста се лажни вредности. Ако ги слушаме поетите и го разбереме тоа, тогаш нашата иднина можеби не само што е подобра, туку и можна. Тоа е нашата надеж. Поетите мора да бидат учители на надежта, рече францускиот писател Жан Жионо, јас се трудам да бидам таков.
Во кои правци се движи поезијата денес во Франција, но и во светот?
Мислам дека постои голема разлика помеѓу Европа и другите делови на светот, бидејќи ако во Европа поезијата го изгубила присуството по втората војна, тоа никогаш не било случај во Јужна Америка, арапските земји или Азија на пример. Во Европа романот го зазеде целото место, никаде другде во таква мерка. Но, всушност во денешно време работите се менуваат во Франција и Европа, младите се повеќе се интересираат за поезијата, најмногу преку усни изведби, но не само. Многу луѓе не се согласуваат со нашиот свет и можеби поезијата се доживува како средство, да се врати вредноста на јазикот. Но, парадоксот е што би било ефикасно ако поезијата не се потчини, на лошите вредности на општеството за да биде признаена, и тоа не е секогаш случај. Затоа мораме повторно да ги читаме и читаме големите поети од претходните векови, тие ни се репер.
На денешната прес-конференција во Струга , лауреатот Симеон изрази задоволство што е дел од познатата и престижна меѓународна манифестација и се вброи меѓу поетските великани на Струшките вечери на поезијата.
– Навистина ми претставува огромна чест и одговорност затоа што не зборувам само за мојата поезија и за мојот живот, туку зборувам за важноста на поезијата во нашите животи, заедничките животи во општеството, рече Симеон.
Според него, постоењето на Фестивалот, кој е добро познат низ целиот свет е исклучително важно за сите поети во светот.
– За една земја е толку важно поезијата да се чествува со ваков настан, истакна лауреатот изразувајќи благодарност до сите оние кои ја оддржуваат моќта на поезијата.
Традиционално, во рамките на СВП, во чест на лареатот претходно беше засадено дрвце во Паркот на поезијата и се читаа стихови поезија. Официјалното отворање на манифестацијата ќе биде вечер со палење на фестивалскиот оган и читање на Константиновата Т`га за југ во Домот на поезијата, а ќе продолжи со Меѓународното поетско читање „Меридијани“. Наградата на лауреатот ќе му биде врачена на поетското читање „Мостови“ на 25 август. Фестивалот ќе трае до 26 август.
Како професор по модерна книжевност, тој објавил повеќе збирки поезија, романи, книги за деца и театарски пиеси. Тој е иницијатор на Неделата на поезијата во Клермон-Феран во 1986 година. Од 2001 до 2017 година бил уметнички директор на Пролетта на поетите. Од 2001 до 2019 година бил придружен поет на Националниот народен театар во Вилербан. Тој е претседател на жирито за доделување на наградата Аполинер. Во моментов е директор на колекцијата Поезија во Галимар.
Предавал на Институтот за универзитетско образование на учители во Оверњ, на Високата национална школа за уметности и техники на театарот, како и на Париската школа за политички науки.
Неговите збирки поезија се објавени во издавачките куќи Шејн (Cheyne éditeur) и Галимар (Gallimard), а неговите театарски пиеси се во издание на Солитер ентампестиф (Solitaires Intempestifs).
За свето поетско творештво, Жан-Пјер Симеон е добитник на многу награди меѓу кои: наградата Морис Сев во 1981 година, наградата Антонен Арто во 1984 година, наградата Аполинер во 1994 година, наградата Макс Жакоб во 2006 година, меѓународната награда Лучијан Блага во Романија, Големата награда на Мон Сен Мишел за целокупното свое творештво, Меѓународната награда за современа поезија ( International Contemporary poetry award) во Кина во 2021 година, Големата награда за поезија на Француската академија во 2022 година.
Жан-Пјер Симеон е одликуван со орденот Командант од редот на уметности и литература.