Лаура Ковеси ќе стане главен обвинител на ЕУ

Романскиот кандидат Лаура Кодрута Ковеси ќе стане првиот главен јавен обвинител на ЕУ. Во промена на позицијата, амбасадорите на ЕУ во четвртокот гласаа за поддршка на Ковеси, изјавија официјални лица за „Политико“. Две официјални лица изјавија дека за Ковеси гласале 17 амбасадори, а била потребна поддршка 12 од 22 земји членки кои учествуваат во новото Европско јавно обвинителство (ЕППО).

Овој потег доаѓа откако владите на ЕУ одлучија во февруари да го поддржат францускиот кандидат Жан-Франсоа Бонерт да го предводи новото тело. Но Европскиот парламент ја поддржа Ковеси, што доведе до ќор-сокак меѓу институциите, кои треба да се договорат за заеднички кандидат за пополнување на функцијата.

Застојот доведе некои земји членки, особено Франција, да ги ревидираат своите позиции.

Романската влада се спротивстави на назначувањето на Ковеси и во четвртокот повторно гласаше против нејзината кандидатура. Поранешна високопрофилна обвинителка за борба против корупцијата, Ковеси водеше случаи против високи политичари, бизнисмени и корумпирани судии пред владата да ја отпушти.

Дваесет и две земји членки на ЕУ треба да учествуваат во новото тело, кое ќе ги гони кривичните дела поврзани со фондовите на ЕУ, како што се ДДВ-измами и перење пари. (Политико)