Латиновски: На ВМРО-ДПМНЕ може да му се случи хаварија


Доколку чекаме ова раководство да загуби уште едни избори, на ВМРО-ДПМНЕ може да му се случи хаварија. Партијата дополнително ќе се дефакторизира, а може да ги замислите последиците по Македонија, оценува, во интервју за „Слободен печат“ поранешниот и долгогодишен градоначалник на Бутел, Петре Латиновски.

Тој е дел од иницијативата за свикување вонреден конгрес на ВМРО-ДПМНЕ, откако опозициската коалиција „Обнова“ ги изгуби парламентарните избори со околу 12 илјади гласа помалку од коалицијата „Можеме“.

-Видовме како СДСМ владее овие три години и не е тешко да се претпостави како ќе нагазат без силен опонент од другата страна. Актуелното раководство на ВМРО-ДПМНЕ, и покрај поразите во низа, и покрај тоа што на секој член му е јасно дека нешто не е во ред, упорно одбива да се соочи со одговорноста. Реално, претседателот Мицкоски имаше три години да остави печат во партијата и државата, но не повлече ниту еден чекор по кој ќе биде запаметен. Ниту политички, ниту кадровски. Време за губење веќе нема. Потребна е нова сила и енергија, потребно е повторно силно ВМРО-ДПМНЕ, вели Латиновски.Според него, со секој изминат ден, поддршката за иницијативата за шромени во ВМРО-ДПМНЕ е се поголема. Сепак, како што вели, иницијативата нема фаворит за наследник на Мицкоски.

-Од другата страна, која е против вонреден конгрес, нема ниту еден аргумент во одбрана на политиките кои ги застапува господинот Мицкоски, ниту пак никој од актуелното раководство излезе со аргументи против оваа иницијатива.Како да чекаат ние постарите членови да кажеме ‘доста беше’. Не знам зошто се молчи. Тука не го сметам оној аргумент дека ВМРО-ДПМНЕ победи на овие избори, бидејќи само Мицкоски верува во тоа, вели Латиновски.

Тој нагласува дека атуелното партиско раководство веќе нема легитимитет. Нивната политика, како што вели, е веќе поразена.