Ласло Трочањи: Извршителот на Орбан стана еврокомесар за проширување


Ласло Трочањи, кој како министер за правда на Унгарија од 2014 до 2019 година беше извршител на сите задачи од владата за поткопување на судскиот систем во државата, стана нов еврокомесар за проширување и соседска политика во Европската комисија на Урсула фон дер Лајен. Иако тоа може да изгледа како добар знак за регионот, бидејќи Унгарија е посветен заговорник на проширувањето на ЕУ, улогата на Трочањи во владите на Викор Орбан може да претставува силен проблем во промовирањето на европските вредности.

Многу експерти за Западен Балкан веднаш преку социјалните мрежи искажаа загриженост поради именувањето на Трочањи, а на нив им се приклучија и многу личности кои го следат меѓународното право. Трочањи, кој сега е член на Европскиот парламент, имаше две средби со Фон дер Лајен откако беше предложен од владата во Будимпешта. По второто „интервју“ за работата на 28 август, Трочањи изјави дека со Фон дер Лајен имале „конструктивни разговори“.

Но, многумина не се задоволни од објаснувањето за „конструктивноста“. Тие потсетуваат дека Трочањи стоеше зад законите кои ги оневозможуваа невладините организации да им помагаат на бегалците и оние што бараат азил, потоа зад поткопување на независноста на судството (самиот тој беше член и на Уставниот суд), како и зад легислативата која предизвика затворање на Централноевропскиот универзитет во Будимпешта. Поради овие закони Европскиот парламент поведе иницијатива за активирање на Членот 7 од Договорот за ЕУ кој е насочен за превенирање на земјите членки да ги поткопуваат демократските институции.

Професорот на Универзитетот во Грац и извонреден познавач на состојбите во регионот, Флоријан Бибер, во реакцијата на Твитер напиша:

„Како што се плашев, Ласло Трочањи ќе биде задолжен за проширувањето. Како дел од системот за демонтирање на владеењето на правото во Унгарија на Орбан, тој не требаше да биде во Комисијата надлежен за проширувањето, нему му недостига кредибилитет кај скептиците во ЕУ околу агендата за владеење на правото во Западен Балкан“.

Слично пишува и професорот на Универзитетот „Мидлесекс“ од Лондон, Лоран Пех, кој вели како Трочањи ќе бара почитување на владеењето на правото во земјите на Западен Балкан, кога тој во неговата држава како министер за правда го правеше токму спротивното.

Лоте Лехт, директорка на „Хјуман рајтс воч“ за Европа е гневна: „Номинацијата на Трочањи е ‘срамота’“ и посочува дека на Унгарија денес би ѝ било многу тешко да докаже таму владее правото ако аплицира за членство во ЕУ. За Македонија е посебно интересно што Ласло Трочањи беше министер за правда кога лани на поранешниот премиер Никола Груевски му беше одобрен азил во Унгарија.

Именувањето на човек од Унгарија за комесар за проширување во значајна мерка ја намалува и тежината на ресорот во Брисел, затоа што има поинакво значење ако тој беше од некоја од стабилните западни демократии кои имаат поголемо влијание во Европската Унија.

На листата на Урсула фон дер Лајен има тројца извршни потпретседатели – Франс Тимерманс од Холандија, кој ќе ја координира работата на Европскиот зелен договор; Маргрет Вестагер од Данска надлежна за дигиталната ера и комесар за конкурентност; и Валдис Домбровскис од Латвија, кој ќе биде комесар за финансиски услуги и координатор на агендата „Економија која работи за луѓето“. Освен нив ќе има и други пет потпретседатели со помали надлежности.

Досегашниот комесар за проширување Јоханес Хан заминува на поважното место во комисијата надлежна за буџет и администрација и ќе ѝ одговара директно на Фон дер Лајен. (Љ.П.)