Ларис Гајсер го користи случајот „Рекет“ за напади врз Могерини


Италијанскиот новинар со словенечко потекло Ларис Гајсер, кој за пошироката македонска јавност стана познат со објавувањето на снимените разговори за случајот „Рекет“, денеска на интернет изданието на весникот „Ла Верита“ објави видео колумна во која главна цел на напади се Европската унија и високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност во заминување, Федерика Могерини.

Гајсер во колумната прашува зошто Брисел молчи за случајот во земјава со објавените снимки од разговорите меѓу Бојан Јовановски (Боки 13) и Јордан „Орце“ Камчев, нагласувајќи дека се чуди како нема реакција од Могерини и актуелниот претседател на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, кои според него, „силно инсистирале за специјалната обвинителка“.

Изразувајќи убеденост дека „се уште е возможно да се има вистинска демократија базирана на информирано јавно мислење и контрола на политичарите“, Гајсер прашува „како Федерика Могерини може да молчи пред криминалната реалност“.

Инаку, Могерини е членка на италијанската левоцентристичка Демократската партија (ПД), која е главен ривал на десничарската националистичка партија Лига на италијанскиот вицепремиер Матео Салвини, чиј голем поддржувач е Гајсер.

Могерини, која беше пратеник во Долниот дом на Парламентот на Италија од 2008 до 2014 година и италијански министер за надворешни работи од февруари до октомври 2014 година, уште во март годинава во изјава за Франс 24 најави дека нема намера да бара реизбор на сегашната функција и по истекот на мандатот како шефица на европската дипломатија најверојатно ќе се врати во италијанската внатрешна политика и со тоа би била една од водечките фигури на демократите и опонент на Салвини.

Нновинарот Ларис Гајсер е познат по своите екстремно десничарски ставови и по блискоста со лица од европската крајна десница, како и со претставници на ВМРО ДПМНЕ, додека весникот „Ла Верита“ во изминатите неколку години важи за медиум близок до сегашната опозиција во земјава.