Лара Трпческа и Ирина Давидовска на детскиот Евросонг во декември во Ерменија


Според јавната објава на „Evrovision Macedonia“ избрани се нашите претставници на овогодинешното издание на Детската Евровизија.

Во јавното известување од таму ги  известија граѓаните на Република Северна Македонија дека Јавниот радиодифузен сервис Македонска радио телевизија донесе конечна одлука и ги избра Лара Трпческа, ќерката на славниот пијанист Симон Трпчевски, и Ирина Давидовска за претставници на нашата земја на Детската Евровизија 2022 година по предлог на Комисијата, а по претходно одржана Аудиција.

Тие исто така информираа дека дуетот Лара Трпческа и Ирина Давидовска што ќе ја претставуваат нашата земја на овогодинешното издание на Детската Евровизија се поддржани од авторски тим од реномирани уметници. 

Лара во музичка придружба на татко ѝ неодамна ја отпеа песната на Тоше Проески „За овој свет“ со која упати моќна порака.
 

Лара досега имала повеќе настапи. Таа учествуваше и во првиот мјузикл за деца во Театарот за деца и младинци во 2018-та година, насловен „Земја во која не се стигнува“, а во 2015-та година на фестивалот за деца „Златно славејче“ ја испеа песната „Непослушно маче“.
 
Ирина Давидовска, пак, имаме можност да ја слушнеме во каверот на „Еве Ме Пак“ од Александра Јанева.

Јуниорскиот Евросонг годинава ќе се одржи на 11 декември во главниот град на Ерменија, Ереван.

Засега присуството покрај Македонија го потврдија и Холандија, Шпанија, Португалија, Казахстан, Полска, Франција, Ирска, Бугарија, Италија и Малта.

Минатата година, децата од „Дајте музика“ имаа одличен настап  и го освоија 9-тото место.