Лани активни биле 66.830 фирми со 435.468 вработени


Во земјава минатата година активно работеле 66.830 пазарно ориентирани деловни субјекти, во областа на индустријата, градежништвото, трговијата и останатите услужни дејности, а оствариле вкупен промет од 2.056.948 милиони денари и додадена вредност од 388.623 милиони денари, соопшти Државниот завод за статистика.

Деловните субјекти ангажирале 435.468 вработени лица, за што издвоиле 196.552 милиони денари.

Најголем промет е реализиран од секторот Трговија на големо и на мало со 38,4 отсто, а по него следат секторот Преработувачка индустрија со 25,4 отсто, Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација со 12,9 отсто, Градежништво со 5,6 отсто и секторот Транспорт и складирање со 5,1 отсто. Секторот на преработувачката индустрија има најголемо учество во вкупната додадена вредност со 25,4 отсто, следен од секторот Трговија на големо и на мало со 21,2 отсто.

Значително учество имаат секторот Информации и комуникации, кој создава 9,1 отсто и секторот Градежништво, кој создава 8,7 отсто од вкупната додадена вредност.

Во однос на големината на претпријатијата, доминираат микропретпријатијата со помалку од 10 вработени (91,2 отсто), најголемиот дел од нив се од областа на трговијата.

Со ангажирани 35,4 отсто од вкупно вработените, тие создале 22,9 отсто од вкупната додадена вредност. Големите претпријатија, со учество од само 0,2 отсто и со ангажирани 24,4 отсто од вработените, создаваат 31,4 отсто од вкупната додадена вредност во рамките на деловниот сектор, и тоа, главно, во секторот Преработувачка индустрија (12,0 отсто). Сепак, најголем е потенцијалот на малите и на средните претпријатија (со 10 до 249 вработени), кои ангажираа 40,2 отсто од вработените и создадоа 45,8 отсто од вкупната додадена вредност во деловниот сектор.