Ламбе Алабаковски е на слобода, одземен му е пасошот
БИТОЛА – Ламбе Алабаковски, од денеска е на слобода, но остана без пасошот како мерка на претпазливост што ја одреди Кривичниот совет на Основниот суд во Битола, потврдува за медиумите правниот застапник на поп пејачот, познатиот битолски адвокат Дарко Стефановски.
Алабаковски по признавањето на делото беше притворен во затворот „Црн Мост“, па пуштен во домашен притвор, за сега да е на слобода.
Тој се сомничи за опожарување на вратата на Културниот центар „Иван Михајлов“ во Битола, а според полицијата веќе го признал делото.
Овој настан ја крена на нозе битолската и македонската јавноста, особено што отворањето на бугарскиот клуб во Битола беше протолкуван како провокација, пред сѐ заради именувањето по контроверзната личност Иван Михајлов.
Настанот се случи на 4 јуни, во раните утрински часови кога Алабаковски доаѓајќи на велосипед, со туба со бензин го запалил влезот на културниот центар по што изгоре влезната врата на објектот, и натписот со името на клубот.
МВР го откри потпалувачот, само три дена по настанот, а судија на претходна постапка му одреди 8-дневен притвор, кој беше заменет со куќен притвор, со образложение дека постои можност за бeгство затоа што пејачот има двојно државјанство, македонско и американско, бидејќи до лани со семејството живееше во САД.
Сега пејачот ќе се брани од слобода, а Обвинителството го сомничи за кривичното дело предизвикување општа опасност по член 288 став 1, за што е предвидена казна затвор од 6 месеци до 5 години. (А.Б.)