„Лајка“ за десет дена залови 30 бездомни кучиња во Гази Баба; следната недела заловува во Центар


Фото: Б. Грданоски

ЈП „Лајка“ од 12 јуни почна со стратешкото заловување на територијата на општина Гази Баба, иако со посебен интензитет во оваа општина се заловуваше и претходно.

– Во овој период заловувачкиот тим на ЈП Лајка активно во текот на цело работно време беше присутен на територијата на општината и го залови секое бездомно куче на територијата на општината кое го нема поминато хуманиот третман вклучувајќи ги и оние кои беа посочени од граѓаните, информираат од „Лајка“.

За десет дена тимот на ЈП „Лајка“ залови вкупно 30 бездомни кучиња кои го немаа поминато хуманиот третман и секое едно од нив во моментов е во некоја фаза од третманот во прифатилиштето.

– Од следната недела продолжуваме со стратешкото заловување во општина Центар додека во другите општини вториот тим на заловувачи ќе постапува исклучиво по пријави на физички и правни лица на цела територија на градот Скопје, најавија од претпријатието.