„Лајка“ сака да затвора бездомни кучиња во КПД Идризово


По многубројните реакции од граѓани за држењето во заложништво на кучиња со сопственици, по ловењето веќе истретирани кучиња со маркици, сега в.д. директорката на ЈП Лајка сака да затвора бездомни кучиња во КПД Идризово каде што според сите извештаи од македонски и странски
набљудувачи, како и Годишниот извештај од Народниот правобранител за 2019 година – нема услови ни за престој на луѓе. Ако во КПД Идризово нема услови за престој на луѓе, сигурно нема услови за згрижување на бездомни животни.Предлог-проекти од ваков обем и карактер, финансирани од јавни пари, без исклучок, се базираат
на претходно изработени студии и детални анализи кои говорат за финансиската оправданост на проектот, како и долгорочниот придонес кон решавање на проблемот со бездомните животни со имплементација на ваква програма. Ниту Град Скопје ниту Општина Гази Баба ниту ЈП Лајка немаат направено студии и анализи со кои би требало да го поткрепат понуденото решение.

Граѓанската иницијатива Зелен хуман град остро се спротивставува на плановите за затворање на бездомни кучиња во затворот Идризово. Најавуваме дека ќе ги преземеме сите правни дејства кои ни се на располагање против сите службени лица кои ќе го прекршат законот со реализирање на оваа сурова замисла, која е производ на комплетно непознавање на политиките за хуман третман на бездомни животни, но и производ на непочитување и неспроведување и на постојните програми и стратегии кои самото јавно претпријатие Лајка ги усвоило.Единствената стратегија која дава резултати и која гарантира ефективна контрола и хуман третман на бездомните животни е:

● Масовна стерилизација/кастрација преку програмата
залови-стерилизирај-вакцинирај-врати.
● Ригорозна контрола над одгледувачи и размножувачи на животни, како и несовесни
сопственици кои ги напуштаат своите миленици или ги фрлаат малите штотуку
родени кученца.
● Обезбедување субвенции за стерилизација/кастрација на миленици на граѓаните

За период од шест месеци мора да се изврши масовна стерилизација/кастрација на најмалку 75% од репродуктивно способните единки на територија на Град Скопје со што нивната репродуктивна способност станува нула.
Само во периодот јуни 2020-април 2021 година активистите за заштита на животни во земјава нашле домови за над 2.000 бездомни животни. Само во периодот јуни-јули 2021 година Здружението „Бездомни животни без граници“ обезбедило субвенционирани стерилизации/кастрации за близу 200 животни на територија на целата земја.Нагласуваме дека нема да дозволиме недолжни животни да страдаат, да бидат изложени на малтретирање, злоупотреба и убиства далеку од очите на јавноста и тоа да биде платено со нашите пари. Проблемот со бездомните животни е решлив, но само ако вистинските луѓе дојдат на позиции со моќ за одлучување, стои во реакцијата на Зелен хуман град.