Лајен најави 700 милиони евра помош за Хрватска


Претседателката на Европска комисија, Урсула фон дер Лајен денеска соопшти дека Хрватска најверојатно ќе добие 700 милиони евра од проектот „НекстГенерејшнЕУ“ (NextGenerationEU).

– Добри вести за Хрватска. Според нас, Хрватска е подготвена да ја добие првата исплата од „НекстГенерејшнЕУ“. Откако земјите-членки дадат зелено светло, Хрватска ќе добие 700 милиони евра. Хрватска може да смета на поддршката на Европската комисија во спроведувањето на нејзиниот план за закрепнување, напиша Лајен на Твитер.

Таа додаде дека Хрватска презела важни чекори за зајакнување на пазарот на труд и социјалната заштита и дека усвоила национална програма за енергетско реновирање на зградите и план за подобрување на безбедноста на патиштата.

– Ова е прва исплата, следуваат другите. Честитки и продолжете така, истакна претседателката на ЕК.