Лајен и Руте ќе бараат решение за руските хибридни закани по инцидентот во Лајпциг


Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и генералниот секретар на НАТО Марк Руте во среда ќе се сретнат во Брисел за да разговараат за заеднички одговор на хибридните закани од Москва, откако Германија официјално ја обвини Русија за инцидентот со дрон на аеродромот во Лајпциг.

Средбата доаѓа по серијата инциденти поврзани со хибридно војување во Европа во текот на летото, меѓу кои и обидот за напад со дрон на аеродромот во Лајпциг, за кој германската влада официјално оцени дека зад него стои Русија.

Фон дер Лајен во вторникот изјави дека на средбата со Руте ќе разговараат за инцидентот во Германија, додека дополнителни санкции против Русија треба да бидат подготвени од министрите за надворешни работи на претстојниот состанок.

„Ќе ја одржиме ЕУ обединета и покрај овие ескалирачки и сериозни дејствија“, порача Фон дер Лајен на социјалната мрежа „Икс“.

На 4 август, во близина на украински товарен авион „Антонов“, во безбедносната зона на аеродромот бил пронајден дрон со околу 600 грама експлозив и детонатор. Направата не експлодирала поради дефект, а потоа била неутрализирана. Подоцнежната истрага укажа дека можеби биле употребени повеќе дронови. Еден можеби се судрил со товарен авион на ДХЛ, а на 14 август во близина на аеродромот биле пронајдени уште еден дрон и околу 50 грама супстанција за која се претпоставува дека е воениот експлозив хексоген. Врската меѓу сите пронајдени предмети сѐ уште се истражува.

Овој аеродром не е случајно избрана цел. Тоа е еден од главните европски центри за товарен воздушен сообраќај, но и логистички јазол за помошта за Украина. Аеродромот го користат украинските авиони „Антонов“, како и програмата САЛИС на НАТО, преку која речиси секојдневно се пренесува опрема за сојузничките сили од Финска до Романија. Уништувањето украински товарен авион или блокирањето на аеродромот би имало воено и политичко значење многу поголемо од непосредната материјална штета.