Лајен до Мицкоски: Топката е во вашиот двор, направете ги уставните измени
Премиерот очекува од Европската Унија јасна и конкретна посветеност на нашата европска перспектива

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, по денешната средба со премиерот Христијан Мицкоски во Скопје кажа дека земјава мора да ги направи уставните измени за да го продолжи својот пат кој Европската унија (ЕУ). Фон дер Лајен е во посета на земјава во рамките на нејзината балканска турнеја.
„Целосно ја поддржуваме Северна Македонија на нејзиниот пат кон ЕУ. Можете да сметате на нас. Следниот и единствен чекор пред отворањето на преговорите е јасен. Треба да ја направите договорената уставна промена. Топката е во вашиот двор. ЕУ е подготвена“, напиша Фон дер Лајен на Икс по средбата со Мицкоски во Владата, по која немаше прес-конференција.
Од Владата по средбата соопштија дека се разговарало за европската перспектива, напредокот на реформските процеси, економската соработка, енергетската безбедност и дигиталната трансформација.
Фон дер Лајен на Икс исто така напиша дека земјава од ЕУ добила 16 милиони евра за направените реформи.
„Во меѓувреме, ја доближуваме вашата земја до нас. За тоа се работи во Планот за раст! Отвораме фабрика за вештачка интелигенција во Скопје. Ве вклучуваме во Единствената платежна зона на Европа. И исплаќаме 16 милиони евра благодарение на реформите што ги направивте“, објави Фон дер Лајен на Икс.