Лајчак: Во Брисел на 2 мај ќе се разговара за првиот нацрт статут на ЗСО во Косово


Специјалниот претставник на ЕУ за дијалогот меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак, изјави дека фокусот на претстојната средба на лидерите на двете страни ќе биде презентацијата на првиот нацрт статут на Заедницата на српски општини (ЗСО) во Косово и усвојувањето на Декларацијата за исчезнатите лица.

Лајчак синоќа на Фејсбук напиша дека на дневен ред на средбата меѓу претседателот на Србија, Александар Вучиќ, и премиерот на Косово, Албин Курти, на 2 мај во Брисел, ќе бидат и актуелни прашања што треба под итно да се разгледаат.

Тој наведе дека во тек се „интензивни подготовки“ за првата средба меѓу Вучиќ и Курти по Охрид, на која двајцата лидери на 18 март постигнаа договор за имплементацискиот анекс на Договорот за патот кон нормализирање на односите меѓу Косово и Србија.

„Како прв состанок по Охрид, средбата ќе биде важна за имплементација на Договорот и неговиот анекс. На дневен ред ќе бидат формално усвојување на Декларацијата за исчезнати лица, презентација на првиот нацрт статут на Здружението/Заедницата на општини со српско мнозинство во Косово од страна на менаџерскиот тим и актуелни прашања што треба итно да се разгледаат“, напиша Лајчак.

Словачкиот дипломат додаде дека ЕУ „затоа очекува дека двете страни во Брисел да дојдат добро подготвени и целосно посветени на фазата на имплементација“.

Лајчак ваквата агенда за следната рунда од дијалогот меѓу Вучиќ и Курти ја објави веднаш по синоќешното објавување на прелиминарните резултати од вонредните локални избори во четирите општини со мнозинско српско население на северот на Косово, кои беа бојкотирани од Србите.