Лајчак најави динамична недела во Давос, укажа на напредокот во дијалогот меѓу Белград и Приштина


Специјалниот пратеник на ЕУ за дијалог меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајлак изјави дека се подготвува за динамична недела во текот на која ќе присуствува на 54-от годишен состанок на Светскиот економски форум во Давос, ќе учествува на повеќе панели и ќе има бројни билатерални средби.

Во својот преглед на претходната недела објавен преку Фејсбук синоќа, Лајчак рече дека на брифингот за амбасадорите на земјите-членки на ЕУ во Брисел одржан во средата, укажал на напредокот во дијалогот од претходната презентација во октомври.

Тој наведе дека двете страни официјално си ги признале регистарските таблички и целосно го укинале режимот со налепници, што го оценил како „позитивен чекор во спроведувањето на Договорот на патот кон нормализација“.

„Постигнат е значителен напредок и во спроведувањето на енергетската патоказна карта“, додаде Лајчак.

Тој рече дека на почетокот на првата работна недела од Новата година го посетил Париз, каде имал многу конструктивни и клучни средби во Министерството за надворешни работи и во Претседателството.

„Главната цел е да се синхронизираат напорите со моите француски колеги и да се постават темелите за месеците што доаѓаат“, напиша Лајчак и изрази благодарност за „силната и постојана“ поддршка на Франција за напорите за олеснување на дијалогот предводен од ЕУ и континуираната плодна соработка.

Портпаролот на ЕУ Петер Стано претходно изјави дека Лајчак ќе има одвоени средби со српскиот претседател Александар Вучиќ и со косовскиот премиер Албин Курти на маргините на Светскиот економски форум во Давос, но дека нема да се одржи заедничка средба.