Лагуна во Шпанија прв екосистем во Европа со правен статус како лице


Многу загадената солена лагуна Мар Менор, во превод Мало Море, на шпанскиот брег на Медитеранот стана првиот екосистем во Европа што доби сопствен правен статус како лице со извршни права, јави ДПА.

Одлуката ја донесе Сенатот во Мадрид со големо мнозинство.

Со завршувањето на законодавната процедура и објавувањето во службен весник, секој граѓанин, дури и да не е засегнат самиот, сега може да се жали до судството во случај на сомневање за повреда на правата на најголемата солена лагуна во Европа.

Се работи за заштитата на лагуната како екосистем. Комитет од шест претставници од властите и седум од општеството треба да ја надгледува заштитата, зачувувањето и обновувањето на лагуната.

Одлуката се заснова на правото на граѓанинот да покрене законодавна постапка. Најмалку 500.000 потписи мора да се соберат за ова. За оваа иницијатива, се потпишаа над 640.000 лица.

Плиткиот Мар Менор е загрозен со децении, главно од интензивното земјоделство, но и од рударските операции, како и туризмот.

Особено при топлотни бранови, недостатокот на кислород може да доведе до масовно умирање на риби и други водни животни. За време на невообичаено жешкото лето во Шпанија и голем дел од Европа, температурата на водата во август во Мар Менор се искачи над 31 степен Целзиусов.