Лагард предупреди на инфлациските ризици од војната со Иран
Претседателката на Европската централна банка (ЕЦБ), Кристин Лагард, денеска ги предупреди учесниците на конференцијата на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) за инфлациските ризици што произлегуваат од војната на Блискиот Исток.
Нејзините коментари дојдоа пред американскиот претседател Доналд Трамп и иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи да објават во одделни изјави дека Иран се согласил да ја отстрани блокадата на Ормуската Теснина, иако Трамп рече дека американската поморска блокада за иранските бродови ќе остане.
Веста предизвика остар пад на цените на нафтата, иако останува нејасно каде тие ќе се стабилизираат или колку долго ќе трае повторното отворање на теснецот.
Коментарите на претседателката на ЕЦБ, Лагард, доаѓаат непосредно пред следната одлука на банката за каматните стапки која треба да биде објавена на 30 април.
Таа рече дека војната ќе има значително краткорочно влијание врз инфлацијата преку повисоките цени на енергијата, но среднорочните последици ќе зависат од интензитетот и времетраењето на конфликтот, пренесе ДПА.
– Војната на Блискиот Исток ги направи изгледите значително понеизвесни, создавајќи нагорни ризици за инфлацијата и надолни ризици за економскиот раст – рече таа.
ЕЦБ, која повторно ќе одлучува за клучните каматни стапки на 30 април, не се обврзува однапред за специфична патека на каматните стапки, рече Лагард.
Шокот со цената на нафтата поврзан со војната со Иран ја турна инфлацијата во еврозоната значително повисоко. Во март, потрошувачките цени пораснаа за 2,6 отсто на годишно ниво, објави Евростат.
Ова значи дека инфлацијата во валутната зона е на највисоко ниво од јули 2024 година, а целта за инфлација на ЕЦБ е јасно надмината на краток рок. Таа се стреми кон стапка на инфлација од 2 отсто на среден рок. Во февруари инфлацијата сè уште изнесуваше 1,9 проценти.
На финансиските пазари пораснаа очекувањата дека ЕЦБ ќе ги зголеми клучните каматни стапки во текот на годината. Тие последниот пат останаа непроменети на 2 отсто.
Лагард јасно стави до знаење дека ЕЦБ ќе биде подготвена да дејствува доколку е потребно.