Лагард: Можен пад на економијата на ЕУ за 5,0 проценти поради карантинот


Претседателката на Европската централна банка, Кристин Лагард, им рече на шефовите на европските влади дека карантинските мерки воведени во борбата против пандемијата на коронавирусот можат лесно да предизвикаат пад од 5,0 проценти во економијата на ЕУ, пишува денеска „Франкфуртер Алгемајне“.

Повикувајќи се на високи дипломати од ЕУ, весникот пишува дека тие изјавиле оти проценките на Лагард за влијанието на карантинските мерки врз вкупниот раст се движат помеѓу 2,0 и 10 проценти.

Пресметката се заснова на претпоставката дека секој месец применувањето на мерките за ограничување на движењето и затворањето на границите ќе го намалуваат растот за 2,1 процент, проценува ЕЦБ.

Проценката дека економијата на ЕУ ќе падне за 5,0 проценти се заснова врз „реалистична“ претпоставка дека мерките за карантин би можеле да траат три месеци, изјавиле претставници на ЕЦБ за „Франкфуртер Алгемајне“.