Лагард: ЕЦБ е подготвена да ги употреби своите инструменти за одржување на финансиската стабилност во еврозоната


 Европската централна банка (ЕЦБ) е подготвена да ги употреби своите инструменти за одржување на финансиската стабилност во еврозоната и има долгогодишно искуство во развивање нови алатки кога е неопходно за справување со шоковите што се појавуваат, изјави денеска претседателката на финансиската институција Кристин Лагард.

„Европската централна банка ја набљудува (ситуацијата) и секогаш е подготвена да ги користи инструментите со кои располага за да обезбеди стабилност на цените и, се разбира, финансиска стабилност, бидејќи двете се меѓусебно поврзани“, рече Лагард на прес-конференција.

Таа рече дека финансиските пазари во еврозоната функционираат добро, и покрај глобалните превирања.

„Во Европа, а особено во еврозоната, набљудуваме дека пазарите функционираат уредно“, додаде Лагард на прес-конференција во Варшава.