Лабина Митевска ја доби наградата на Еуримаж за меѓународни копродукции

Наградата ја потврдува клучната улога на ко-продукциите во зајакнувањето на меѓународната размена и претставува награда од национален интерес за македонската кинематографија


Фото: Б. Грданоски

Македонската продуцентка и актерка Лабина Митевска е добитник на годинешната Еуримаж награда за Меѓународни копрудкции од Еуримаж и Европската Филмска Академија. Лабина Митевска е еден од основачите на семејната продуцентска куќа Сестри и Брат Митевски од Скопје.

“Оваа награда ѝ се доделува на Лабина Митевска како почит кон дарбата на една семејна продукција, страстно посветена на европската кинематографија. Се наградува мајсторската изработка на високо квалитетна кинематографија постигната преку бројни извонредни меѓународни ко-продукции кои се гордост на фондот Еуримаж, се вели во соопштението на жирито. 

ЕУРИМАЖ Наградата за меѓународни ко-продукции ја доделува Европската Филмска Академија во соработка со Еуримаж заедно со фондот за поддршка на културата на Советот на Европа.

Наградата ја потврдува клучната улога на ко-продукциите во зајакнувањето на меѓународната размена и претставува награда од национален интерес за македонската кинематографија.

„Да се добие оваа награда е потврда на повеќегодишниот, повеќедеценискиот труд на највисоко професионално ниво. Ова е доказ за изградената врвна репутација на Лабина Митевска како бескомпромисен борец за филмската уметност, за почитта која ја ужива од колегите во Европа, без дамка во својата кариера и пример за професионалност и посветеност. Наградата се доделува од најистакнатите и најзначајните филмски асоцијации во Европа и воедно се награда и за македонската кинематографија“, изјавија од продукцијата Сестри и Брат Митевски.

Ко-продукциите се неминовност за филмската продукција во Европа и Лабина во својата забележителна продуцентска кариера има остварено успешна соработка со доверливи соработници од Словенија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Франција, Белгија, Германија, Шведска, Данска, Турција, Романија. Речиси сите филмски проекти на кои има работено и како мнозински и како малцински ко-продуцент се избрани во селекциите на трите најголеми филмски фестивали Берлин, Венеција, и Кан и се наградувани и прикажувани ширум светот.

„Нека светлината на оваа награда биде патоказ во овие мачни времиња низ кои проаѓаат филмските професионалци во Македонија и потврда дека со чесност, посветеност, одговорност и многу многу труд сѐ е можно. Оваа награда е уверение дека и припаѓаме на Европа кога работиме европски“, изјави Лабина Митевска.

 Лабина Митевска ќе биде почесен гостин на гала приемот на 37. Европски Филмски Награди на 7 декември во Луцерн, Швајцарија, каде лично ќе ја прими доделената награда.

Сестрите и братот Лабина, Теона и Вук успешно ја започнаа работата на нивната продуцентска куќа во 2001. Лабина е високо почитувана актерка од Балканскиот регион, која ја започнува својата кариера во „Пред дождот“ (1994) на Милчо Манчевски, награден со Златен Лав во Венеција и номиниран за Оскар. Лабина е извршен директор на продукцијата, нејзината сестра Теона е режисер и нивниот брат Вук, сликар и скулптор, работи како сет дизајнер и автор на анимации.

Митевска има продуцирано девет филмови со поддршка на Еуримаж, од кои шест се како мнозински продуцент: Јас сум од Титов Велес, Жената која ги избриша своите солзи, Кога денот немаше име, Господ постои името и е Петрунија, Најсреќниот човек на светот, Скејтањето не е за девојчиња. Како малцински ко-продуцент беше вклучена во следниве филмови поддржани од Еуримаж: Сиера Невада од Кристи Пују, Дивата круша од Нури Билге Џејлан, и Празник на трудот на Пјер Жалица.

Лабина Митевска е членка на Европската Филмска Академија и е национален претставник на ЕАВЕ (Европски Аудиовизуелни Претприемачи). Во 2014 година беше дел од Продуценти во подем на ЕФП (Европска Филмска Промоција) на Канскиот филмски фестивал. Од 2022 Лабина е дел од продуцентскиот тим на белгиската филмска компанија Ентр Шиан е Лу (Entre Chien et Loup).