Ла Цивита, кој го воскресна Доналд Трамп, се обидува тоа да го стори и за Сали Бериша

Тирана – Главната опозициска партија во Албанија има „помош“ од стратегот кој ја водеше изборната кампања на американскиот претседател Доналд Трамп во 2024 година, во обид да постигне победа на парламентарните избори в недела и да ги собори владејачките социјалисти на премиерот Еди Рама, објавија денеска албанските медиуми, пренесувајќи сторија на бриселски Политико.
Крис Ла Цивита, стратегот на американските републиканци кој го донесе „политичкото воскресение на Доналд Трамп во 2024 година“, пишува порталот, и помага на конзервативната Демократска партија на Албанија, чиј лидер Сали Бериша „се надева на негово политичко закрепнување од обвинувањата за корупција“.
„Победата на Бериша ќе стави крај 12-годишното владеење на социјалистите на Рама, за време на кое тој „стана социјалистички тешкаш и ја држеше Албанија во заробеништво повеќе од две децении, прво како градоначалник на Тирана, а потоа како премиер, што меѓународните набљудувачи го опишаа како период во кој една партија ја зароби земјата“, пишува Политико.
Победата на Бериша на изборите би „донела политичка сила отворено усогласена со агендата на Трамп на сцената на регионот (Балканот), кој долго време се сметаше за стратешки ранлив на руското и кинеското влијание“.
Портпаролот на Демократската партија на Албанија, Алфред Лела, за Политико изјави дека „Трамп и Бериша имаат исклучително слични профили“ бидејќи „биле прогонувани од естаблишментот – и домашен и меѓународен, како и од судството на нивните земји, и биле претставени како опасни аутсајдери кои мора да бидат елиминирани од политиката по секоја цена“.
На митинг оваа година, Ла Цивита рече дека „со просперитетна демократија и вистинско пријателство со Америка, можеме повторно да ја направиме Албанија голема“.
„Бериша, кој сега има 80 години, е широко познат како „татко на албанската демократија“ поради неговата улога во протестното движење со кое беше соборен последниот тврдокорен комунистички режим во Европа во 1992 година и поради тоа што стана првиот демократски избран претседател на земјата. Но, тој беше цел на администрацијата на Џо Бајден во 2021 година за наводна корупција, предизвикувајќи тригодишен хаос во Демократската партија на Албанија, за време на кој Бериша беше исклучен од парламентарната група и на крајот ставен во домашен притвор, но судот му ја врати контролата врз партијата во 2024 година, наведува Политико.
Анкетите покажуваат дека владејачката Социјалистичка партија би можела да освои околу 48 проценти од гласовите, додека демократите заостануваат со најмалку 10 процентни поени, и со воведување на гласањето на дијаспората за првпат и ниската веродостојност на анкетите сепак би можеле да доведат до изненадувања.
Тоа би било зачудувачко изборно оживување за Бериша, кој беше претседател, два мандата беше премиер и во голема мера се повлече за да ѝ овозможи на следната генерација да ја води Демократската партија.
Администрацијата на Бајден објави дека Бериша бил вмешан во „злоупотреба на јавни средства и мешање во јавни процеси… за своја сопствена корист и за збогатување на неговите политички сојузници и членови на семејството, загрозувајќи ја довербата на албанската јавност во државните институции и јавните службеници“.
Политико пишува дека Албанија „е жестоко проамериканска земја, а фактот дека историскиот лидер на главната опозициска група е ставен на црната листа од страна на САД во очите на многу Албанци е сличен на политичка смртна пресуда за неговата партија“.
„Тука се појавува „гуруто“ Ла Цивита кој му помогна на Трамп и изјави дека статусот на Бериша не го обесхрабрил, туку го инспирирал да помогне, рече Лела.
Рама, кој е на власт од 2013 година, работеше напорно за да го освои Западот: „од појавување на состаноци во Брисел во тренерки и патики, до третирање на намќорестите евробирократи како кралеви на блескави конференции организирани во Тирана“, пишува Политико.
„Харизматичен и често со намерно претерана реторика, тој работеше напорно за да стане омилен Албанец на Западот“, пишува порталот.
И Рама побара помош од истакнати западни советници, ангажирајќи го стратегот на британската Лабуристичка партија, Аластер Кембел, во 2012 година за да му помогне да постигне убедлива победа на изборите во 2013 година. Поранешниот британски премиер Тони Блер подоцна беше вклучен и во советувањето на Рама.
Еден од најпрофитабилните развојни проекти што Рама му го предаде на зетот на Трамп, Џаред Кушнер: 99-годишен закуп на островот Сазан – напуштена воено-разузнавачка база на јужниот брег на Албанија, и земјиште во делтата на реката Вјоса.
Но, според Политико, напнатата политичка размена меѓу демократите на Бериша и социјалистите на Рама се заканува да ги попречи амбициите на Албанија за пристапување во ЕУ, што е најважното прашање за гласачите.
„Нивниот конфликт ја спречи земјата да напредува до својот целосен потенцијал и на патот кон интеграција во ЕУ“, изјави за „Политико“ Валбона Зенели, соработник во Атлантскиот совет.
Политико пишува дека, „за разлика од повеќето свои балкански соседи, сè уште заплеткани во нерешливи спорови што произлегоа од војните за време на распадот на Југославија во 1990-тите, Албанија се соочува со мало или никакво регионално или меѓународно противење да стане членка на ЕУ и главно дејствуваше како стабилизирачки фактор во регионот“.
Порталот потсетува дека Албанија се смета за водечки кандидат за прием во ЕУ, заедно со Црна Гора, а Рама вети во кампањата пред изборите во недела дека ќе обезбеди членство до 2030 година.