Кинезите изгасија една од печките во железарницата во Смедерево


Железарницата во Смедерево изгаси една од печките поради влијанието на квотите врз извозот на челик и поради корона кризата.

„Овој потег е последица на влијанието на квотите врз извозот на нашиот челик во земјите на Европската унија и намалената побарувачка за челик на пазарот, затоа што голем дел од нашите клиенти престанаа со производство поради пандемијата на коронавирус. Имајќи го во предвид планот за нарачки за следниот период, го прилагодивме нашиот бизнис кон моменталната состојба, велат за „Политика“ од компанијата ХБИС Србија.

Од февруари 2019 година ЕУ воведе глобална квота за увоз на челик од други земји. Во рамките на квотите, Србија доби можност да пласира само 145.000 тони на пазарот во ЕУ до 20 јуни годинава, а една година предходно таму извезе околу милион тони челични производи.

Прашање е кога повторно од печката 1 ќе потече течно железо ако се земе предвид сегашната епидемиолошка состојба во Србија и во светот. На ова прашање од железарницата во Смедерево немаат прецизен одговор. Тие велат дека кога ќе се создадат пазарните услови за рестартирање, печката ќе биде пуштена во употреба. Дотогаш, ќе работи само печката број 2.

ХБИС не кажува дали оваа состојба ќе влијае на бројот на работниците. Веста е дека вработените кои работеле од дома заради епидемија изминатите два месеци биле вратени во фабриката на 1 јули, токму кога вирусот повторно почнал да зема замав. Тие ваквиот потег го објаснуваат со добрата „одбрана“ на фабриката од инфекција. Според официјалните информации, само четворица работници биле заразени, а неофицијално се споменуваат многу поголем број, пишува весникот.

Што се однесува до вработените кои се враќаат на работа, ХБИС Србија се покажа како безбедно место за работа. Кризниот штаб спроведе голем број на ефективни мерки, засновани врз искуствата од Кина, како и на директивите на Кризниот штаб на Србија, кои се покажаа ефикасни во заштитата од инфекција со коронавирус на сите што работат во компанијата.