„Кво вадис, Аида?“, најдобар европски филм за 2021, во Кинотека


„Кво вадис, Аида?“ на босанскохерцеговската авторка Јасмила Жбаниќ кој лани триумфираше во Берлин на доделувањето на Европските награди за филм, ќе се најде на априлската програма на Кинотека. 

Жбаниќ во Берлин е наградена и за најдобра режија, а Јасна Ѓуричиќ е прогласена за најдобра актерка. Филмот е за масакрот во Сребреница, а таа ја доби наградата за најдобра режија во конкуренција со Флоријан Целер („Татко“), Паоло Сорентино („Тоа беше божја рака“), Раду Жуд („Со среќа дупење или улаво порно“ ) и Жулија Дукурно („Титан“) .

Жбаниќ ја посвети наградата на сите жени и мајки од Сребреница.

„Тие најдоа начин да изградат мир во уништена земја. Жените секогаш наоѓаат начин да го поправат нередот што го прават мажите. Се надевам дека оваа награда ќе ги мотивира жените кои снимаат филмови, но и женски приказни. Ние како филмаџии имаме одговорност да ѝ ја дадеме на публиката вистината. Можеби е тешко и неисплатливо, но тоа е наша должност. Ви благодарам многу“, рече лани Жбаниќ.

Со документарниот филм „Најубавото момче на светот“, Кинотека ќе ја почне априлската програма која, според најавите, ќе понуди интересни и значајни остварувања од понов и постар датум.

Публиката ќе може да ги види „Квадратот“, „Меморија“, „Не е лошо да се биде човек“, „Со среќа дупење или улаво порно“, „Бесконечна поезија“, „Синот на Саул“,…

Кинотека ги најавува и „Носферату, симфонија на стравот“, кој ќе се прикажува по повод стогодишнината од снимањето, „Медеја“, со чија проекција ќе се одбележи стогодишнина од раѓањето на италијанскиот и европски автор Пјер Паоло Пазолини, како и „Американскиот пријател“ на Вим Вендерс од 1977 година и „Лудиот Пјеро“ на Жан-Лик Годар од 1965 година.

Од македонските класици на програмата ќе бидат два филма на Димитрие Османли, „Мирно лето“ и „Ангели на отпад“.