„Квин“ трета рок-група на поштенски марки


Англија– Рок-групата „Квин“ ќе се појави на 13 дизајнирани поштенски марки од јули, за што гитаристот Брајан Меј за „Гардијан“ изјави „станавме национална институција“.

Тие се третиот бенд почестен од Кралската пошта, по „Битлси“ во 2007 година и „Пинк Флојд“ во 2016 година.

– Понекогаш е чудно да се разбудиш и да ја разбереш позицијата во која сега се наоѓаме – станавме национална институција, вели Меј.

На тринаесетте дизајнирани поштенски марки кои ќе се најдат во продажба од 9 јули, се наоѓаат студиски слики од групата, слики од секој од нејзините членови, Меј, тапанарот Роџер Тејлор, вокалот Фреди Меркјури и басистот Џон Дикон, како и насловните омоти на нивните албуми.

Британската кралска ковачница годинава издаде монета во чест на великанот Фреди Меркјури и на групата „Квин“. Всушност тоа е првата метална пара што излезе од планираната серија „Музички легенди“. Монетите не можат да се користат за купување, но можат да се набават во разни форми.