Кувајт и ОАЕ повторно нападнати од Иран – на удар владини, хермиски и енергетски објекти
Кувајт беше под нов ирански напад, при што дронови нападнаа владини и енергетски објекти, соопштија властите рано утрово.
Ирански беспилотен авион погоди зграда што му припаѓа на Министерството за финансии, предизвикувајќи значителна штета, објавија државните медиуми, повикувајќи се на Министерството. Нема извештаи за повредени.
Според Министерството за енергетика, две електрани и постројки за десалинизација беа тешко оштетени од ирански дронови, предизвикувајќи дефект на два генератори на енергија.
Друг беспилотен авион погоди објект управуван од Кувајтската нафтена корпорација, соопшти Министерството за информации, исто така известувајќи дека нема повредени.
Претходно, кувајтската војска соопшти дека земјата е под нов ракетен и беспилотен напад, додавајќи дека е активирана воздушната одбрана.
Обединетите Арапски Емирати исто така објавија нов напад со ракети и дронови, кој Иран соопшти дека е насочен кон алуминиумската индустрија во земјата од Персискиот Залив.
„Системите за воздушна одбрана на ОАЕ се активирани како одговор на заканата од ракети и беспилотни летала“, соопшти Министерството за одбрана на ОАЕ, додавајќи дека „звуците што се слушаат во земјата се резултат на тековните операции за пресретнување и неутрализација“.
Иранската војска соопшти дека нападнала објекти на алуминиумската индустрија во Обединетите Арапски Емирати, како и американски воени цели, вклучително и во Кувајт.
Иран лансира ракети и дронови врз Кувајт и други земји од Заливот кои се домаќини на американски воени сили од почетокот на американско-израелските напади пред околу пет недели.
Од спротивната страна, израелските воздухопловни сили објавија дека погодиле индустриски комплекс во Иран што се користи за производство на хемикалии за производство на оружје, соопшти вчера војската.Целта, лоцирана во југозападниот град Махшахр, вклучувала еден од двата клучни објекти што произведуваат материјали за експлозиви, балистички ракети и други системи за оружје, соопшти војската на Телеграм.
Ирански медиуми претходно објавија, повикувајќи се на канцеларијата на гувернерот, дека се регистрирани три удари во областа.Погодени се неколку петрохемиски компании, вклучувајќи ги Фаџр 1 и 2, Риџал и Амиркабир, според иранските извештаи. Се смета дека има веројатни жртви, иако нема официјални бројки веднаш достапни.
Махшахр е пристанишен град во иранската покраина Хузестан во близина на границата со Ирак.
Во меѓувреме, Израел беше под обновен оган од Иран во текот на ноќта. Ракета погоди ненаселена област во јужен Израел, соопшти војската цитирана од Тајмс оф Израел. Нема пријавено повредени.Претходно во текот на денот, станбени згради во предградијата на Тел Авив беа тешко оштетени од ракетен оган, според извештаите на медиумите, при што четири лица беа повредени.Во исто време, беше пресретнат дрон лансиран од милицијата Хути, поврзана со Иран, од Јемен, соопшти војската.