Кутиров: Дигитализацијата е важна за олеснување на трговијата и подобрување на услугите кон бизнис заедницата


 

Новиот компјутеризиран транзитен систем НКТС фаза 5, чиј развој почнува наскоро, а ќе се воведе до крајот на следната година, значително ќе влијае на подобрување на услугите за економските оператори. Со воведување на овој систем, ќе ги имплементираме измените кои ги пропишува Европската комисија и ќе продолжиме да бидеме дел од Транзитната конвенција, а со тоа ќе овозможиме економските оператори да транзитираат низ замјите на Европската Унија, со минимални задржувања на граничните премини, истакна денеска директорката на Царинската управа Славица Кутиров на состанокот на директорите на Царинските управи од земјите од Западен Балкан.

Како што информира Царинската управа, домаќин на состанокот е Царинската служба на Босна и Херцеговина, а традиционално се организира со поддршка на Владата и Царинската и даночната служба на Обединетото кралство. Состанокот, како што се наведува, претставува можност да се разменат информации на високо ниво, на актуелни теми во насока на подобрување на регионалната соработка.

-Имплементацијата на системот НКТС 5 е дел од Акциониот план за развој на Царинската управа 2022-2024, во чии рамки се спроведуваат проекти и активности коишто опфаќаат развој на нови ИТ системи, во насока на дигитална трансформација на Царината. Како дел од овие реформи набрзо ќе се воведе новина во царинското работење, што ќе овозможи пуштање на стоките во слободен промет за еден час, доколку за нив декларацијата е на зелен канал и исполнети се сите автоматски проверки и се обезбедени давачките, се вели во соопштението.

Регионалната соработка е во фокусот на Царинската управа со цел, како што се наведува, забрзување на протокот на стоки преку границите, размена на информации во рамки на ЦЕФТА, како и усогласување на постапките со европската пракса, што води кон побрза интеграција на регионот во Европската Унија.