Кутињо: Решени сме на сè да победиме против Ливерпул и да се пласираме во финалето

Фудбалерот на Барселона, Филипе Кутињо ги предупреди своите соиграчи пред претстојните полуфинални дуели од Лигата на Шампионите против Ливерпул дека Каталонците треба да бидат внимателни.

– Тоа сигурно ќе биде многу посебен меч. Ова е мое прво полуфинале во Лигата на шампионите. Како и сите мои соиграчи, јас навистина очекувам добар меч. Играв за Ливерпул пет години. Таму бев многу среќен, но сега бранам други бои, друг дрес и ова ќе биде посебен натпревар. Се надевам дека ќе одиграме многу силен меч. Лигата на Шампионите е нашата главна цел и ние сме решени на сè, за да победиме против Ливерпул и да се пласираме во финалето, изјави Бразилецот.

Кутињо додаде и дека тројката на Ливерпул во нападот не е единствената опасност за Барселона.

– Фирмино, Мане и Салах се многу важни играчи за Ливерпул, но тие не се единствените. Ливерпул има многу квалитет во одбраната и полуодбраната и тие работат многу силно. Треба да бидеме внимателни и да си ја завршиме нашата работа добро. Тимот има многу силен менталитет. Сите нивни натпревари, што ги гледав оваа сезона беа многу силни. Треба да бидеме многу внимателни. „Енфилд“ е многу посебен стадион кој создава неверојатна атмосфера, додаде Кутињо.