Кутија тутун проценет во погрешна класа отворена пред министерот Хоџа

Министерот за земјоделство, Арјанит Хоџа, денеска го посети откупниот пункт за тутун на „Сокотаб“ во населбата Драчево, со цел утврдување на состојбата со процената на тутун по класи, предаден на второстепена комисија.

Како што информираат од Министерството, второстепената комисија во присуство на Хоџа повторно отворила и проценила 12 кутии тутун.

Притоа само во една од оспорените кутии било утврдено дека има грешка при процената, односно дека, наместо втора класа, тутунот бил проценет како трета.

Министерот Хоџа ги повика сите учесници во процесот да бидат трпеливи бидејќи само на тој начин ќе може да се дојде до решение на проблемите.

Во следните неколку дена министерот секојдневно ќе биде присутен на терен на разни откупни пунктови во државата.

Истовремено, и Државниот инспекторат продолжува со секојдневните активности на редовна контрола на откупниот процес, при што за сите регистрирани неправилности инспекторите ќе постапуваат во согласност со нивните надлежности дефинирани со закон, информираат од Министерството.